Фудбалскиот свет наскоро би можел да добие нова ѕвезда и тоа од редовите на Херта Берлин. Станува збор за младиот Кенет Ајхорн, талентиран тинејџер кој има само 15 години, но веќе предизвика сериозен интерес од неколку гиганти на германскиот фудбал.
Баер Леверкузен, Ајнтрахт Франкфурт, Баерн Минхен, па дури и клубови од Ред Бул групацијата се распрашувале за неговите услуги, но Ајхорн одлучи да продолжи да се развива со Херта каде што е од 2017 година.
Иако има само 15 години, Ајхорн веќе настапува за генерациите до 17 и 19 години во германската младинска лига, а од почетокот на летните подготовки работи и со првиот тим каде што тренер е Шефан Лајтл.
„Горди сме што успеавме да убедиме уште еден домашен талент дека токму Херта е вистинското место за неговиот развој. Кени веќе постигна значаен напредок за својата возраст и претставува еден од најголемите таленти во својата генерација во Германија. Тој е симбол на берлинскиот пат. Планираме индивидуално да го развиваме и внимателно да го следиме неговиот напредок во професионалниот фудбал“, изјави спортскиот директор на Херта, Бенјамин Вебер.