Во среда со почеток од 18:30 часот, Милан и Интер го играат големото градско дерби кое беше одложено поради смртта на Давиде Астори.
Кога првично требаше да се игра Интер беше во криза, но во меѓувреме се разбуди, а Милан загуби од Јувентус на последниот меч.
„Разочарани сме од резултатот против Јуве, но бевме рамноправни се до последните моменти. Одигравме одлично, тие не победија поради подоброто физичко ниво, а не техничко“, вели Донарума.
Милан мора да го победи Интер доколку сака да ги задржи шансите за четвртата позиција која води во Лигата на шампионите.
„Дуелот со Интер е како плејоф за Лигата на шампионите. Има голем ентузијазам за натпреварот на Сан Сиро. Ние ќе дадеме се од себе и потребни ни се нашите фанови за да го добиеме мечот“.
Најопасното оружје на Интер е Икарди кој повторно е во голема форма постигнувајќи шест гола на последните два меча, а имаше и хет-трик во победата на Интер над Милан од 3-2 на почетокот на сезоната. Донарума се надева дека во среда тој ќе ја добие битката со напаѓачот.
„Ќе видиме како ќе биде, тој е неверојатен напаѓач, сигурно еден од најдобрите. Се надевам дека јас ќе ја добијам битката меѓу нас“.