По скандалот со елитна проституција во Италија, кој беше откриен на почетокот на неделата, се појавуваат нови шокантни детали од истрагата.
Во емисијата „Oре 14“, под заштита на анонимност, се јавила жена која тврди дека била блиску запознаена со начинот на функционирање на мрежата. Таа раскажала дека сè започнало во 2019 година, кога се вселила во стан изнајмен од Алесиа Саломоне, една од уапсените во случајот. Во станот, според нејзините зборови, живееле осум до девет девојки.
Сведокот наведува и дека просторот покрај станот, кој првично бил теретана, во 2020 година во време на пандемијата и строгите рестрикции бил претворен во нелегален ноќен клуб.
„На тие забави почнаа да доаѓаат фудбалери. Некои беа мирни, други се однесуваа непримерно. Кога сфаќаа дека не сакаш сексуален однос со нив, почнуваа да навредуваат. Еден од нив ми рече: ‘Што сакаш да направиш, кучко? Во јавна куќа си како и сите останати’“, изјавила таа, додавајќи дека меѓу гостите имало фудбалери од Интер и Милан.
Таа опишува и дека при полициски рации дел од фудбалерите бегале и се криеле на таванот. Според нејзините тврдења, забавите често биле посетувани и од инфлуенсери, додека голем дел од девојките биле од странство, без финансиски средства и со сложени животни околности.
„Сопствениците нè третираа како сопственост, нè контролираа и следеа со камери во секој агол. На телефоните имаа каталог и им го покажуваа на гостите, прашувајќи ги: ‘Која ја сакате вечерва?’“, тврди таа.