Шпанскиот менаџер Андони Ираола наводно е сериозно заинтересиран за клупата на Челси, пренесува италијанскиот новинар Фабрицио Романо.
Актуелниот тренер на Борнмут веќе најави дека на крајот од сезоната ќе се раздели со популарните „цреши“, а според Романо, негова желба е да продолжи да работи во Премиер лигата. Токму поради тоа, работата на „Стемфорд Бриџ“ сериозно го привлекува Ираола.
Челси во моментов го предводи Калум Мекфарлан, кој по вторпат оваа сезона седна на жешката клупа, откако претходно отказ доби Лијам Росениор, кој се задржа само 106 дена на чело на лондонскиот клуб. Предводникот на тимот до 19 години ќе ги води „сините“ до крајот на сезоната, кога се очекува раководството да донесе одлука кој ќе го преземе тимот од лето.
Ираола важи за еден од главните фаворити, а неговите шанси дополнително пораснаа откако Франк Лампард и Сеск Фабрегас јавно се дистанцираа од можноста да седнат на клупата на Челси. Меѓу имињата кои се поврзуваат со Челси се и Оливер Гласнер, Чави Ернандес, Чаби Алонсо, Марко Силва и Јулијан Нагелсман, но Ираола во моментов е кандидат број еден.
Шпанецот беше поврзуван и со Манчестер Јунајтед, но се поизвесно е дека гигантот од „Олд Трафорд“ ќе му даде шанса на актуелниот привремен менаџер Мајкл Керик.