Нејмар се најде меѓу 26-те фудбалери кои ќе го претставуваат Бразил на Светското првенство во САД, Канада и Мексико, кое стартува на 11 јуни. Веста предизвика воодушевување кај навивачите во земјата на петкратниот светски шампион, но дел од јавноста остана шокирана поради изоставувањето на една голема ѕвезда.
На списокот го нема Жоао Педро, напаѓачот на Челси, кој и покрај слабите резултати на клубот зад себе има одлична сезона.
Бразилецот сезонава запиша 20 голови и шест асистенции во Премиер лигата, но ниту тоа не беше доволно за место на конечниот список за Мундијалот.
Статистиката дополнително ја отвори дебатата околу одлуката. Само тројца фудбалери сезонава постигнаа повеќе голови во најсилната лига во светот, а ако се исклучат погодоците од пенал, пред него е само Ерлинг Халанд.
Селекторот Карло Анчелоти по објавувањето на списокот призна дека одлуката не била лесна.
„Жал ни е за Жоао Педро. Со оглед на сезоната што ја имаше во Европа, веројатно заслужи повик, но се одлучивме за други играчи“, изјави легендарниот италијански стратег.