Жозе Мурињо не е
задоволен од изданието на офанзивните играчи па сака да го засили овој дел на тимот ова
лето. Во последните неколку дена силно се говори за пристигнување на Герет
Бејл, со кого „Специјалниот“ отворено флертуваше и минатото лето.
Но во исто време,
низ медиумите од „Островото“ неколку недели кружи шпекулација за трансфер на
Марко Арнаутовиќ од Вест Хем. За оваа изненадувачка зделка денеска пишуваше и
реномираниот Скај Спортс.
Австриецот му е
добро познат на Жозе Мурињо, двајцата соработуваа во Интер во сезоната 2009/10.
Марко Арнаутовиќ пристигна на Џузепе Меаца како „новиот Ибрахимовиќ“ но никогаш
не ги оправда очекувањата и си замина по само една година.
Во Интер важеше
како големо промашување, нема убави фудбалски спомени но има две интересни
приказни за раскажување. Првата е поврзана со Самуел Ето. Имено Марко
Арнаутовиќ сакал да се поднови со автомбил по трансферот во Милано, но во
пресрет му излегол Камерунецот, кој му го позајмил своето Бентли. За малер,
Австриецот ни две недели не му се радувал на луксузниот атомобилот, колата му
ја украле додека бил на вечера со друштвото во ресторан.
Втората е
поврзана со Жозе Мурињо, кој еднаш го опиша Марко Арнаутовиќ како „прекрасна
личност која се однесува како дете“. Двајцата немаа добар однос поради лудориите
кои ги правеше играчот, но Австриецот доби убав спомен од „Специјалниот“. Марко
Арнаутовиќ не знаел дека тренингот на Интер е закажан за попладне, па рано наутро се појавил во тренинг центарот. Кога Жозе Мурињо видел дека играчот пристигнал
пет часа порано почнал да се смее и му го подарил часовникот.
Останува да се
види дали двајцата одново ќе соработуваат. По кратката авантура, Марко
Арнаутовиќ се пресели во Вердер, а по проблематичниот престој во Бремен, за 2
милиони фунти заврши во Стоук. Австриецот си ја врати кариерата на прав пат на
„Островото“ и минатото лето направи рекорден трансфер во Вест Хем вреден 25
милиони фунти. Во првата сезона во дресот на „Чеканите“ постигна 11 погодоци во
Премиерлигата.
Скај Спортс додава дека Вест Хем нема лесно да се откаже од Марко Арнаутовиќ и ќе бара 50 милиони фунти за неговите услуги.