„Топчиите“ ризикуваат втора сезона по ред да останат без настап во Лигата на шампионите, па се ниша столчето на Арсен Венгер.
Клубот од Северен Лондон оваа сезона во два наврати го сруши сопствениот трансфер рекорд, но резултатите не се на потребното ниво. Мали се шансите Арсенал да заврши во топ 4 и пласман во најелитното европско натпреварување ќе се бара преку триумф во Лига Европа, задача која воопшто нема да биде лесна.
Притисокот врз Арсен Венгер е се поголем, и се погласно се бара тој да замине, па лидерите на клубот по крајот на сезоната ќе го стават под лупа Французинот и ќе ги разгледаат сите опции.
Сопственикот Стен Кронки постојано му даваше поддршка на Арсен Венгер, но исто така одобри промени во хиерархијата кои треба да го направат клубот подготвен за живот без искусниот стратег. Извршниот директор Иван Газидис изминативе 12 месеци го ангажираше Свен Мислинтат за нов прв скаут, го назначи Раул Санљехи за директор за фудбал а Хас Фахми беше донесен да ги води преговорите за нови договори на играчите.
Медиумите од „Островото“ пишуваат дека Арсенал веќе имаат составено листа со можни наследници на Арсен Венгер.
На списокот се имиња како тренерот на Монако, Леонардо Жардим, поранешниот фудбалер на „Топчиите“ Микел Арета кој сега е помошник на Пеп Гвардиола, легендата на клубот Тјери Анри, селекторт на Германија Јоаким лев, Пауло Фонсека од Шахтар и Брендан Роџерс од Селтик.