Англија ќе го брани трофејот во финалето на Европското првенство за фудбалери до 21 година, откако во полуфиналната пресметка ја совлада Холандија со 2-1.
Натпреварот одигран на „Техелне Поле“ во Братислава понуди возбудлива завршница и ново шоу на Харви Елиот, кој со два гола ги одведе Англичаните во борба за злато.
Првото полувреме заврши без голови, иако Англија беше поактивна. По паузата, избраниците на Ли Карсли успеаја да го скршат отпорот. Во 62. минута Елиот го отвори резултатот по асистенција од Андерсон, но Холандија не се откажа. Во 72. минута Ноа Охио израмни и врати неизвесност во мечот.
Сепак, крајот му припадна на „Гордиот Албион“. Елиот во 86. минута повторно ја тресеше мрежата и се промовираше во херој на Англија, која сега ќе има шанса да ја одбрани титулата од претходното Европско првенство.
Фото: UEFA