Во отсуство на
капитенот Горан Пандев, најдобрата македонска фудбалска репрезентација вечерва
го пречекува аутсајдерот Гибралтар со што ќе ги комплетира натпреварите од оваа
фаза во Лигата на нации, за очекување е да се потврди првото место, за што сме
фаворити, а селекторот Игор Ангеловски посакува брз гол уште во почетната фаза
од средбата.
„Добро
познат ни е стилот на Гибралтар. Претежно се ориентирани
во одбраната и ја чекаат својата шанса преку контра. Јас и претходно
кажав, не е важно со кого играме, туку за што играме, а тоа е потврда на првото
место и домашно полуфинале во плеј-офот“ изјави селекторот кој додаде дека првата ѕвезда на тимот сигурно ќе
недостасува во нашата игра.
„Капитенот Пандев
сигурно ќе ни недостасува, но тимот треба да одигра за него. Фаворити сме и
иако можеби на некои мечеви не играме според посакуваното, но во второто
полвуреме влегуваме подобро и победуваме. Би сакал Гибралтар да го „отвориме“
уште на почеток. Нема потреба од никаква нервоза, за да одиграме квалитетно
мора да бидеме агресивни уште од почеток. Воопшто не размислувам на
плеј-офот и неговиот противник, само на претстојниот натпревар“ заклучи Ангеловски.
Мечот се игра
вечерва на „Националната Арена Филип Втори“ во Скопје, со почеток од 20,45
часот.