Милан ги започна подготовките за новата сезона, а Масимилијано Алегри веднаш ја засука ракавите. Ветеранот се врати на клупата и веќе од првиот ден постави јасни правила – нема попусти, нема привилегирани.
На првиот тренинг не беа присутни сите фудбалери, но своите први чекори во „Миланело“ ги направи новото засилување Самуеле Ричи. Алегри не губеше време и од старт воведе цврсти принципи што ќе бидат темелот на тимот.
Неговите главни правила се јасни и недвосмислени. Се почнува од нула и се заборава сè што било. Потребно е враќање на победничкиот ДНК на Милан. Тимот секогаш е пред индивидуата. Тренинзите се двапати дневно уште од првиот ден, а отсуството на Европа значи дека неделата ќе се користи за напорна работа. Кашнењето не се толерира и повик за натпревар нема за оние кои не се точни. Телефоните се забранети на состаноци, оброци и во соблекувалната. Контролата на килограмите е задолжителна, а доручекот и ручекот се во клупската база. Целта е Милан да има најцврста одбрана и најмалку примени голови. На теренот се игра едноставно, брзо и без компликации.
Алегри не дојде да троши време – атмосферата во Миланело веќе мириса на работа.