Македонскиот фудбалер и капитен на Динамо Загреб, Аријан Адеми, би можел ова лето по вторпат да замине од Динамо Загреб.
По враќањето од кратката кинеска авантура кон крајот на летото 2023 година, македонскиот репрезентативец повторно е пред ново заминување од „Максимир“.
Главната причина за неговата одлука е ограничената минутажа во актуелната сезона, во која повеќе играше улога на џокер од клупата. Иако има 26 настапи, Адеми вкупно одигра само 1.213 минути, што е просек од нешто повеќе од едно полувреме по натпревар.
Динамо во летниот преоден рок ќе ги засили редовите со Дејан Љубичиќ, Роберт Мудражија и Марко Солдо, а и покрај заминувањата на Петар Сучиќ и, најверојатно, Мартин Батурина, не се очекува дека ќе се отвори простор за позначајна улога на Адеми.
Како најконкретна дестинација за неговата идна кариера се споменува словенечкиот Марибор, каде што спортски директор е неговиот поранешен соиграч Михаел Микиќ. Доколку се реализира трансферот, Адеми би имал далеку поголема минутажа и влијание во тимот.
Адеми во Динамо има годишна плата од околу 800.000 евра, а неговиот договор важи до јуни 2026 година. Во својата богата кариера со „модрите“, тој има 420 одиграни натпревари, при што постигнал 47 голови и забележал 32 асистенции.