По ремито кај Ливерпул, ново разочарување за навивачите на Манчестер јунајтед, овој пат пораз на гостувањето кај Хадерсфилд.
Во 23. минута Фил Џонс се повреди и мораше да го напушти мечот, тогаш резултатот беше 0-0, а потоа следуваа две катастрофални грешки преку кои домаќините дојдоа до голема предност.
Најпрво Мата во 28. минута загуби една топка на средината на теренот, од таа акција Моу даде гол за водство на Хадерсфилд од 1-0. Пет минути подоцна Линделоф киксираше, а Депоитре реализираше за 2-0.
Манчестер јунајтед јалово се обидуваше да се врати во игра, имаше иницијатива, но не успеваше да создава шанси. Конечно во 78. минута по асистенција од Лукаку, Рашфорд со глава погоди за 2-1, тоа беше и конечниот резултат.
За разлика од Јунајтед, Манчестер Сити ја продолжува одличната форма победувајќи го со 3-0 Барнли. Агуеро, Отаменди и Сане беа стрелци на головите.
Њукасл со 1-0 го победи Кристал Палас, Лестер со 2-1 славеше кај Свонси, а со истиот резултат гостинска победа обезбеди и Борнмут против Стоук.