Селекцијата на Шпанија е дел од групата „Г“ од
квалификациите за СП Русија 2018, всушност во истата конкуренција е и нашата
репрезентација.
Шпанците ќе мораат до крајот на квалификациите да се
борат за задржување на првото место во групата кое носи директен пласман на
Мундијалот, претстојат две завршни средби, најнапред против Албанија на домашен
терен, а потоа и гостување кај Израел.
Се чини дека за момент се разниша атмосферата во тимот по
политичките збиднувања кои ги потресоа таа земја, односно референдумот за
независност на Каталонија, кој се одржа во неделата, а за кој голем поддржувач
беше Жерард Пике, фудбалерот на Барселона.
Светските медиуми на големо пишуваат дека односите помеѓу
капитенот на Шпанија, Серхио Рамос и Пике се нарушени, а со свој коментар во
однос на дефанзивецот на Барселона се одзва и селекторот на Шпанија, Хулиен
Лопетеги.
„Однесувањето на Пике во репрезентацијата секогаш било
премногу добро, ситуацијата не погоди, но ние сме овде да говориме за фудбал,
не сакам воопшто да коментирам за животот на некои поединци“ истакна Лопетеги кој
притоа додаде дека фудбалерите имаат право да ги изразуваат своите ставови, но
притоа мораат да се обидуваат да избегнат било какво вмешување во непријатни
ситуации.
Инаку, дефанзивецот на Барселона со големо негодување од
трибините беше „поздравен“ од шпанските фанови за време на стартот на
подготовките за пресметката со Албанија, а денеска репрезентативците тренираа
без присуство на публика.