На виделина излегува големиот кикс на Зидан и Реал на трансфер пазарот, дали скапо ќе платат за оваа грешка?

by
2 минути читање

„Кралевите“ имаа лето како ретко кога претходно, Реал Мадрид трансфер пазарот го заврши во голема позитива.

Избраниците на Зинедин Зидан станаа првите кои во модерната ера ја одбраниле титулата во Лигата на шампионите, а ја вратија и титулата од Примера на Сантијаго Бернабеу за прв пат по 2012.

Обично се вели тимот кој победува не се менува, па стратегот и управата го следеа ова правило и не направија многу промени во составот.

Но иако е само почеток на сезоната, се покажуваат знаци на еден голем кикс на трансфер пазарот, односно продажбата на Алваро Мората на Челси без да се донесе соодветна замена.

Шпанецот не беше стартер во Реал, но речиси секогаш кога ќе добиеше шанса постигнуваше гол, и минатата сезона забележа неколку клучни погодоци кои им донесоа победи на „Кралевите“.

Недостатокот на добар голгетер на клупата особено дојде до израз по суспензијата на Кристијано Роналдо.

По убедливата победа од 0-3 на гостувањето кај Депортиво, Реал одигра фрустрирачки 2-2 пред своите фанови против Валенсија. На овој натпревар Карим Бензема промаши три-четири добри шанси.

Вчера, „Кралевите“ имаа ново разочарување, на Бернабеу одиграа само 1-1 против Леванте. Карим Бензема се повреди рано, па Реал остана без класичен голгетер. Бејл ја доби задачата да игра како најистурен но Велшанецот не се покажа во најдобро светло, и не успеа да реализира две-три добри прилики.

Шампионот на Шпанија веќе заостанува четири бода зад Барселона, секако сезоната е долга и ќе има време да се надополни негативата, но почетните кола ја покажуваат веројатно единствената слабост на овој тим на „Кралевите“ а тоа е немање на резервен напаѓач. Останува да се види дали Зидан и Реал скапо ќе платат за оваа одлука.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани