Продолжи кошмарот на Италијанците во ЛШ: ПСВ по продолженија го исфрли Јувентус! (ВИДЕО)

by 24 фудбал
1 минути читање

Фудбалерите на ПСВ Ајндховен се пласираа во осминафиналето на Лигата на шампионите, откако го свртеа двомечот против Јувентус и славеа на свој терен со 3-1 по гостинскиот пораз (2-1).

Првото полувреме не понуди погодоци, а потоа стрелците се распукаа. Течеше 53. минута кога Иван Перишиќ го отвори резултатот (1-0). Ноа Ланг му испрати перфектна топка низ одбраната, а хрватскиот ветеран ја прими и со волеј ја испрати во мрежата. Десет минути подоцна по еден слободен удар и лошо расчистена топка, Тимоти Веа налета на неа на околу 20 метри и ја смести во голот за израмнување (1-1).

Во 74. минута ПСВ успеа повторно да ја анулира негативата во вкупниот скор. По нафрлување од Перишиќ во обид да ја исконтролира топката Лук Де Јонг му ја спушти на Исмаел Саибари кој одблизу погоди за 2-1. До крајот на регуларното време резултатот не се менуваше и се влезе во продолженијата, а во нив холандскиот домаќин стигна до трет гол.

Бакајоко смири топка на десната страна, ја уфрли во петерецот и го натера Гати да биде опасен по својот гол. Ди Грегорио го спаси својот гол, но топката се одби до Рајан Фламинго кој реализира за 3-1 во 98. минута од првото продолжение. Имаше Јувентус шанси до крајот, се обиде Савона, а по него статива погоди Влаховиќ. Во второто продолжение шанса имаше и Гонзалез, ама домашните добро се бранеа.

И вториот холандски тим го доби плеј-офот против италијанскиот фаворит, бидејќи вчера истото го направи Феенорд против Милан. Дополнително на тоа, изненадувачки елиминирана беше и Аталанта во двомеч со Клуб Бриж, па продолжи кошмарот на Италијанците.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×