Ренато Санчез важеше за огромна фудбалска надеж кога од Бенфика потпиша за Баерн Минхен за сума од 27,5 милиони фунти, но не успеа да го наметне својот талент во баварскиот клуб.
Изненадувачки, Санчез ќе биде нов фудбалер на Свонси откако англискиот клуб ја комплетираше едногодишната позајмица.
Тренерот на Свонси, Пол Клемент работеше шест месеци со Санчез кога беше асистент на Карло Анчелоти во Баерн Минхен.
„Овој трансфер во Свонси и Премиерлигата ќе докаже дека е идеално место за негов развој. Како играч тој е динамичен, моќен играч од средниот ред, верувам дека ги има сите атрибути за да успее во Премиерлигата“ – вели Клемент.
Претседателот на Баерн Минхен, Карл Хајнц Румениге потврди дека Санчез е испратен на позајмица за да има поголема минутажа.
„Среќни сме што се договоривме со Свонси. Нашата цел беше Ренато да биде регуларен првотимец во силно натпреварување како Премиерлигата. Уверени сме во неговиот голем потенцијал и сметаме дека тој во иднина ќе биде важен играч за Баерн Минхен. Од таа причина тој ќе се врати во Баерн на 1 јули 2018, во договорот нема опција за перманентен трансфер“ – вели Румениге.