Челси неочекувано загуби на стартот од новата сезона во Премиерлигата, на Стемфорд Бриџ, Барнли славеше со 2-3.
По натпреварот, медиумите фрлија сомнеж врз изборот на Антонио Конте за овој натпревар и прашаа дали стратегот намерно одбрал послаб тим за да испрати порака до управата.
Имено, Италијанецот во неколку наврати се пожали дека му се потребни уште неколку играчи и повика од лидерите на клубот да донесат засилувања.
Младиот Бога беше стартер, додека на клупата за резерви имаше место за Шарли Мусонда, Кајл Скот, Фикајо Томори и Кенеди.
„Зошто ми поставувате вакво прашање? Не бевте задоволни од стартниот тим?“ – одговори Конте кога беше запрашан дали врз неговиот избор влијаело и незадоволството од трансфер политиката на Челси ова лето.
„Очигледно не ме знаете доволно добро. И на подготовките играв со најдобар тим, а истото беше и денеска“.
„Ги ставив најдобрите играчи кои ги имам во овој момент. Не ми се допаѓаат овие работи, и тоа дали сум сакал да испратам порака. Зошто би го сторил тоа?“