Милан има најдобар трансфер период, новото раководство прави комплетен ремонт со цел да ги врати „росонерите“ на старите патеки.
Во интервју за „Кориере дело Спорт“, Монтела покрај другото го анализира и преодниот рок.
Многу важно за Милан беше и останувањето на Донарума кој го продолжи договорот иако работите првично не се движеа во таа насока.
„Мислам дека тој одлучи да остане бидејќи ова е идеално опкружување за него и мислам дека во Милан може да напредува уште повеќе. Клубот направи одлична работа за да го задржи“ – вели Монтела.
Иако веќе потрошија 210 милиони евра на 10 фудбалери, Милан се уште е во потрага по напаѓач, опции се Белоти, Обамејанг и Калиниќ.
„Ја разгледуваме ситуацијата, сите тројца се различни напаѓачи, но и сите се играчи кои би се вклопиле во нашата идеја за фудбал“.
Најголемото изненадување беше ангажманот на Бонучи од Јувентус.
„Ајде да речеме дека се создаде можност на пазарот за тоа да се случи. На почетокот изгледаше нереално, но клубот работеше одлично“.
„Тој ќе ни донесе искуство, но исто така ќе биде и пример кога станува збор за напорна работа. Бонучи е еден од најдобрите на негова позиција, екстремен професионалец и ќе биде исклучително засилување за нас“.
Иако гласни беа вестите дека Бонучи ќе биде новиот капитен, Монтела вели дека се уште не одлучил.
„Се уште размислувам за тоа. Сакаме да означиме старт на една нова ера, па сигурно еден од капитенот и заменик капитенот ќе биде од новите засилувања. Бонучи е кандидат заедно со Лукас Биља. Потребно ми е малку време бидејќи изборот мора да биде споделен со клубот, тренерот и составот. Мора и фановите да се чувствуваат дека и тие се дел од оваа одлука“.
Ваквиот преоден рок носи и големи очекувања но и уште поголема одговорност од тренерот.
„Никој што работи во професијата не може може да ја избегне одговорноста. Па да, среќен сум со тимот кој го составивме, чувствувам голема одговорност, но исто така сум и многу, многу мотивиран“.
„Составот е склопен за да оствари одредени цели. Природно, ќе биде потребно време за адаптација со десет нови фудбалери, уште повеќе за оние кои пристигнаа од други држави. Ако додадеме дека дел од тие се и млади играчи, потребно е време“.
„Но се разбира, сето тоа е во теорија, бидејќи јас сум свесен дека во италијанскиот фудбалер никогаш немаш многу време, но подготвен сум за предизвикот. Се надевам дека ќе останам во Милан уште долги години“.
„Нашта основна цел во новата сезона е да избориме учество во Лигата на шампионите. Доколку не успееме да го направиме тоа ќе загубиме многу и финансиски и на нашиот имиџ. Не смееме да ги разочараме навивачите, мора брзо да напредуваме“.