Слован Братислава направи голем подвиг и се пласира во Лигата на шампионите, тргнувајќи од првото квалификациско коло во натпреварувањето. Прв противник на словачкиот претставник му беше македонскиот првак Струга Трим Љум и двомечот го доби со 6-3. Во плеј-офот за елитното натпреварување Слован беше подобар од Мидтјиланд со вкупни 4-3. Реваншот во Братислава домаќинот го доби со 3-2, додека првиот дуел заврши нерешено 1-1.
Толиќ донесе предност за Слован во 33. минута, а потоа Шимшир израмни пред паузата. Франкулино погоди за пресврт и водство на Мидтјиланд во 50. минута. Сепак, со вториот гол на Толиќ пред крајот домаќинот израмни. Херојот кој ја обезбеди победата беше поранешниот вардарец Тигран Барсегјан. Ерменецот во 86. минута погоди за 3-2, резултат кој потоа се испостави како конечен.
За Слован Братислава ова е прв пласман во овој формат на Лигата на шампионите, откако претходно имаше настапи во Европскиот куп на шампиони.
Предноста од 2-0 стекната на „Пјер Мороа“ беше пресудна за Лил да ја „преживее“ Прага и гостувањето кај Славија. Домашната екипа во Чешка славеше со 2-1, меѓутоа тоа не беше доволно за пласман во главната фаза на натпреварувањето.