Пред четири дена македонските фудбалери прикажаа одлична игра на гостувањето кај Лихтенштајн и лесно со 3-0 ја забележаа првата победа во квалификациите за СП 2018.
Лихтенштајн е значително послаб противник од нас, па фудбалерите на Игор Ангеловски денеска против Белорусија треба да покажат дека тој триумф не е само поради лошиот противник.
Македонија одигра добро и на претходните квалификациски натпревари, освен на дуелот со Шпанија, но ги загуби сите. Евидентен е напредокот во играта, но резултати немаше се до гостувањето кај Лихтенштајн.
Иако се работи само за пријателски меч, од големо значење ќе биде Македонија да ја победи Белорусија и да врзе два позитивни резултати по ред.
Белорусија е селекција со која игравме во минатите квалификации, во Скопје загубивме со 2-1, на гостински терен одигравме натпревар без голови.
Белорусија е селекција која е подобро рангирана од нас, но која може да се победи, на последниот нивен меч доживејаа убедлив пораз од Шведска од 4-0.
Македонија ќе биде ослабена со неиграњето на неколку младински репрезентативци кои се префрлија во селекцијата У21 за денешниот меч со Бугарија, но се враќа Езган Алиоски кој поради суспензија го пропушти мечот со Лихтенштајн.
Интересно ќе биде да се види и дали шанса ќе добие младиот Чурлинов кој со 16 години може да стане најмалиот дебитант во сениорската селекција.