Ефикасна вечер во
Лигата на шампионите, на шест меча паднаа дури 25 погодока.
Тотнем сврза
неколку лоши партии, притисокот врз Покетино и неговите избраници беше огромен,
но „спарси“ не погрешија и стигнаа до убедлива победа против Црвена звезда.
Кејн го отвори
резултатот во 9. минута на додавање на Ламела, а потоа на сцена стапи Сон.
Фудбалерот од Јужна Кореја доби убава топка на подалечната статива и рутински
реализираше за 2-0 во 16. минута, за во последните мигови од првиот дел, по
една убава контра по втор пат да ја затресе мрежата на гостите од Белград. На
стартот од вториот дел, Ламела погоди за 4-0, а точка на натпреварот стави Кејн
со својот втор гол во 72. минута.
Возбудлив меч во
Торино одиграа Јувентус и Локомотив Москва. Гостите беа на прагот на
изненадување, но Пауло Дибала постигна два гола за две минути и се погрижи
„старата дама“ да слави.
Домаќините домонираа
во првото полувреме, имаа поголем посед на топката и повеќе удари, но гостите
беа тие кои на пауза заминаа со предност. По половина час игра, Бонучи лошо
реагираше и овозможи шанса за Локомотив Москва, Шчесни гоодбрани обидот на Жоао
Марио, но до одбиената топка стигна Миранчук кој не погреши и ја затресе
мрежата на домаќините за 0-1.
Гостите одолеваа
на притисокот се до 77. минута кога на сцена стапи Пауло Дибала. Аргентинецот
прекрасно пласираше од врвот на шеснасетникот за 1-1, а само 120 секунди
подоцна, се најде на право место и по една одбиена топка донесе пресврт и 2-1.
До важни три бода
вечерва стигна и Реал Мадрид, на Зинедин Зидан му гореше под нозе, но
„кралевите“ го издржаа пеколното гостување во Турција и триумфираа со 0-1. Клучниот
момент се случи во 18. минута, кога домаќините погрешија при една вратена
топка, Азар и Бензема добро проиграа за Крос со прецизен удар да донесе водство
од 0-1.
Пет гола вечерва
дадоа уште два тима, ПСЖ на гости кај Клуб Бриж, и Манчестер Сити дома против
Аталанта.
„Светците“ рано
поведоа, во акција од неколку потези, Ди Марија доби топка во фор, Аргентинецот
потоа го проигра својот сонардоник Икарди, кој рутински реализираше за 0-1 во
7. минута. На стартот од вториот дел во игра влезе Мбапе, па домаќините ги
снајде катастрофа. Французинот постигна хет-трик, а и му аситираше на Икарди за
убедливи 0-5.
На „Етихад“,
шампионот на Англија покажа дека е многу опасен против екипи кои играат фудбал
и не се бранат. Аталанта реши да се надигрува, Милановски од пенал го отвори
резултатот во 28. минута, но радоста на гостите кратко траеше. Агуеро во 34.
минута изедначи на 1-1, а истиот играч од пенал во 38. минута донесе предност
за Манчестер Сити од 2-1. Потоа во вториот дел, во период од 11 минути,
Стерлинг три пати ја тресеше мрежата за триумф од 5-1.
Возбудлив меч со
пет гола имаше и во Атина, Олимпијакос поведе преку Ел Араби, но десет минути
подоцна Левандовски изедначи на 1-1. Полјакот во 62. минута донесе предност за
Баерн, а Толисо во 75. минута ја осигура победата. До крајот на мечот,
домаќините преку Гиљерме само намалија на 2-3.