Марио Балотели во текот на својата кариера често го привлекуваше вниманието не само со настапите на теренот, туку и со необичното однесување надвор од него. Неговите поранешни соиграчи имаат бројни приказни поврзани со италијанскиот напаѓач, а една од нив сега ја сподели Џејмс Милнер.
Искусниот англиски фудбалер во поткастот „Добриот, лошиот и фудбалот“ се присети на времето кога со Балотели беа соиграчи во Манчестер Сити и Ливерпул.
Милнер вели дека секогаш имал добар однос со Италијанецот, но неговото однесување знаело да биде прилично детско.
„Секогаш добро се согласував со него, иако понекогаш беше како да имам 11 или 12-годишно дете во тимот“, раскажа Милнер.
Според неговите зборови, Балотели имал необичен начин да биде во центарот на вниманието. Кога ќе забележел дека никој не му посветува внимание, знаел да направи нешто несекојдневно само за повторно сите погледи да бидат насочени кон него.
Милнер потоа откри и една случка од тренинг-центарот на Ливерпул. Балотели на тренинг пристигнал со впечатлив камуфлиран „Бентли“, но подоцна со истиот автомобил, според приказната на Милнер, го удрил неговото возило додека се движел наназад.
Најинтересна за Милнер била реакцијата на Балотели по случката.
„Го видов како ми го удира автомобилот, а потоа пред мои очи негираше дека направил нешто“, се присети Милнер.