Белгиецот никогаш не криел дека сонува за настап на „Бернабеу“ па со години се поврзува со трансфер во Реал и се очекува ова лето конечно да му се оствари желбата.
„Кралевите“ прават реконструкција, Еден Азар им се вклопува во проектот и Челси е ставен во тесно со оглед на тоа дека играчот има договор до 2020.
Самиот фудбалер вечерва разговараше со Радио Монте Карло и порача дека во следните месец дена во мислите ќе му биде само Челси, а потоа ќе види каде ќе игра следната сезона.
„Не сум играч на Реал Мадрид, но како голем фан на Зидан, мило ми е што тој се врати, на фудбалот му треба личност како Зизу. За вистинските фудбалски љубители ова се добри вести, за фановите на Реал се добри вести, но за другите тимови не се толку добри вести бидејќи Зинедин и Реал заедно освоија многу, па на другите ќе им биде потешко во иднина“ – вели Еден Азар.
„Не сакам во моментов да зборувам за мојата иднина. Во следните месец дена во мислите ќе ми биде само Челси, не чекаат важни натпревари. Сакам да ја освоиме Лига Европа и да обезбедиме настап во Лигата на шампионите и ќе го дадам максимумот за остварување на оваа цел. Потоа ќе видиме што ќе се случи“.