Црните сценарија на Тотнем се остварија, Хари Кејн ги оштетил лигаментите на скочниот зглоб против Манчестер Сити во Лигата на шампионите. „Спарси“ вечерва соопштија дека серијата тестови покажале сериозна повреда.
Тие најавија дека ќе ја мониторираат ситуацијата на голгетерот во следниот период и во овој момент не открија колку време Хари Кејн ќе биде надвор од терените.
Но медиумите од Англија велат деа сезоната за него е практично завршена бидејќи ќе треба да паузира околу два месеци, па не само што ќе ги пропушти мечевите на Тотнем, нема да биде во комбинација ниту за финалето од Лигата на Нации.
Мала надеж е тоа што голгетерот во минатото се има опоравено побрзо од предвиденото и кога се повреди во јануари, отсуствуваше нешто над пет недели. Сепак, со оглед на тоа дека се работи за истата повреда на левиот скочен зглоб и поради стравување дека ова може да биде хроничен проблем, се очекува сега играчот да не превзема никаков ризик.
Тотнем исто така соопшти дека Дел Али има фрактура на левата рака. Тој е под знак прашалник за средбата со Хадерсфилд во сабота, но се очекува да биде подготвен за реваншот со Манчестер Сити следната недела.