Иднината на Аргентинецот беше под голем знак прашалник откако „кралевите“ доживеаја срамна елиминација од Лигата на шампионите по поразот на домашен терен од Ајакс од 1-4.
Се говореше дека ќе добие отказ, но Флорентино Перез реши да ја одложи одлуката за понеделник, па се очекува во текот на денот да падне одлука за тоа дали Сантијаго Солари ќе остане на кормилото до крајот на сезоната или не.
Шпекулациите велат дека Жозе Мурињо е првиот избор на Флорентино Перез за нов тренер, и „специјалниот“ веќе го известил претседателот на Реал за реконструкцијата која сака да ја направи.
Португалецот ќе прави чистка на Бернабеу и сака да се ослободи од неколку ѕвезди. Прв на листата е капитенот Серхио Рамос, со кого не беше во добар однос кога седеше на клупата пред шест години. Втор е Марсело, Мурињо никогаш не бил фан на играта на Бразилецот. Жозе исто така не смета на Карим Бензема, како и на Герет Бејл.
Што се однесува до засилувањата, стратегот сака да го засили нападот со Нејмар и Ромелу Лукаку, Кристијан Ериксен од Тотнем е главното засилување за средниот ред, а желба се и три нови имиња за одбраната.
Се верува дека трансферот на Милитао од Порто е веќе завршена работа, а како замена за Серхио Рамос треба да биде еден од Маркињос и Де Лихт. Мурињо ќе бара и нов лев бек, а кандидати се Алекс Телеш и Давид Алаба.