Работнички го засилува тимот за вториот дел од сезоната, по ангажманот на Баже Илијоски, клубот денеска промовираше уште четири нови засилувања.
„Нови имиња, покрај Баже Илијоски кој повторно се враќа во својот дом, се и бугарските интернационалци Николај Дилгеров и Емил Вијачки, бразилскиот офанзивец Жунињо Кабрал и крилниот офанзивец Дејан Блажевски.
30-годишниот Николај Дилгеров кој доаѓа од редовите на Царско село е поранешен младински репрезентативец на Бугарија. Фудбалерот од средниот ред потпиша шестмесечен договор со Работнички со можност истиот потоа да биде продолжен на уште една година. Во својата кариера има настапи и за ЦСКА Софија, Славија, Лудогорец, Локомотив Пловдив и израелскиот Хапоел Ирони.
28-годишниот Емил Вијачки ќе ја засили дефанзивната линија потпишувајќи договор до јуни 2020 година. Доаѓа од бугарскиот прволигаш Локомотив Софија.
Поранешниот македонски репрезентативец Дејан Блажевски е едно од најголемите засилувања за тимот за продолжението од сезоната. Блажевски доаѓа во Работнички по една полусезона мината во албанскиот прволигаш Тирана. Со „романтичарите“ потпиша договор од една година.
Едногодишен договор потпиша и Бразилецот Жунињо Кабрал. 26-годишниот Кабрал изминатава година настапуваше за Флоријана во шампионатот на Малта. Претходно, во својата кариера, има настапи и за Ботофаго и Аракса во Бразил како и за норвешкиот прволигаш Бран“, стои во соопштението на Работнички.