Метрото во Мадрид слави 100 години, па весникот „Марка“ направи интервју со Столе Димитриевски токму во ова превозно средство. Рајо Ваљекано е клуб од околината на Мадрид, па Македонецот признава дека многу често се вози со метро и покрај тоа што е фудбалер кој игра во Примера.
„Ми се допаѓа се во овој град, поинаков е бидејќи имате се што сакате: фудбал, кошарка, најдобрите шоуа… дури и Либертадорес! Секако дека имам карта за метро. Покомфорно е да се возите со метро кога одите во центар, функционира одлично, најдобро средство е за превоз, го користам многу“, изјави Димитриевски.
„Полека се навикнувам, убаво ми е тука, луѓето од Рајо секогаш се со нивниот тим, уживаат кога играте добро и помагаат кога работите не одат како што сакаме, тоа не се случува во секој тим. Таквиот однос им дава многу самодоверба и сила на играчите“.
Утре со почеток од 17:30 часот Рајо Ваљекано му гостува на Реал Мадрид, Столе Димитриевски за прв пат ќе брани на овој легендарен стадион.
„За мене како Македонец посебно е што ќе истрчам на Бернабеу, бидејќи тука Горан Пандев, мојот соиграч од репрезентацијата ја освои Лигата на шампионите со Интер. Задоволство е да се игра тука, сон на секој фудбалер кога почнал да игра. Не сум го посетил досега Бернабеу, но сега ќе го видам од внатре“.
„Рајо ми овозможи да бранам во една од најдобрите лиги во светот, на импресивни стадиони како овој, домот на тимот кој освои три титули во Лигата на шампионите по ред, вкупно 13!“.
Реал Мадрид не е во најдобар момент, во Лигата на шампионите доживеа неверојатен пораз од ЦСКА Москва со 3-0, па ќе сака токму против Рајо да почне да ја враќа формата.
„Можеби Реал во моментов не е во добра форма, но Мадрид секогаш е Мадрид и тие можат секогаш да победат било кој тим во светот. Ние треба да го имаме нашиот најдобар ден а тие да го имаат својот најлош. Одиме со амбиција и желба за победа, така е секогаш и играме добро против големите тимови“.
„Можеби мислите дека е олеснување тоа што Реал Мадрид го нема Кристијано Роналдо, но има други играчи кои се одлични, за нас е исто дали реал е без Кристијано или со него, вистината е дека единствено од кој не се плашам дека можам да примам гол е Куртоа“, со насмевка прокоментра Димитриевски.
„Куртоа е одличен голман, еден од најдобрите во светот, добро се прилагоди во Реал Мадрид, одличен е во еден на еден, доминантен е во воздухот. На секој тим му треба различен голман во зависност од стилот на игра на нивниот тим“.
Димитриевски веќе го има сменето дресот со Серхио Рамос на меч меѓу Македонија и Шпанија минатата година. Сега сака да го направи тоа со Куртоа.
„Мислам дека ќе го побарам дресот на Куртоа бидејќи би сакал да имам спомен од мечот, но јасно е дека Рамос е симболот на Шпанија и уште многу години во иднина децата ќе го препознаваат него. Мислам дека во последно време беше многу напаѓан, но да кренете толку многу титули мора да сте психолошки многу силни, тој е таков“.