Македонецот ги
воодушеви фудбалските љубители во Шпанија со своите прекрасни голови од слободен удар.
Тој до сега има постигнато шест гола од прекин, кој од кој поубав.
Во пресрет на
утрешното гостувањето на Леванте кај Реал Мадрид, Енис Барди седна на разговор
со АС. Во интервју за мадридскиот весник, тој проговори за својата техника на
изведување слободни удари.
„Секогаш велам
дека со напорен тренинг ќе бидете подобар. Токму тоа го правам, тренирам, се
подобрувам секој ден. Тоа е клучот за постигнување такви голови“ – вели Енис
Барди.
„Исто така
потребно е да имате чувство кога изведувате слободен удар. Како дете, пред
секој тренинг местев десет топки и шутирав. Со искуство, станував се подобар и
подобар. Кога бев млад се обидував да го копирам Кристијано Роналдо, гледав како
тој шутира кога беше дел од Манчестер јунајтед. Но таквиот начин на изведување
не ми помогна многу. Да, можете да постигнете одличен гол но и да ја испратите
топката далеку на трибина. Мислам дека мојата техника е многу подобра бидејќи
секогаш шутирам во рамките на голот. Токму тоа се обидувам да го сторам, топката да оди во
голот а потоа му е тешко на голманот“.
Минатата сезона
Енис Барди се натпреваруваше со Меси кој ќе постигне повеќе погодоци од
слободен удар. Аргентинецот имаше шест, Македонецот еден помалку.
„Тоа е убав
предизвик. Оваа табела ми дава голема мотивација. Тоа што сум покрај Меси ме
мотивира да продолжам да работам и да се подобрувам. Не само во изведување
слободни удари, туку и сите други работи поврзани со фудбалот“.