Македонската фудбалска репрезентација денеска слави јубилеј, поминаа 25 години откако Македонија одигра натпревар под своето знаме и со својата химна.
Почнавме моќно, со убедлива победа над Словенија, имавме генерација која ветува, но не го искористи потенцијалот кој го имаше. Дел од тогашните репрезентативци и не се задржаа многу во селекцијата.
Тој 13. октомври од пред 25 години вечно ќе се памети, ќе се памети по првиот настап на Македонија, по првиот гол кој го постигна Зоран Бошковски (погодија уште и Панчев, Канатларовски и Јаневски), нема да се заборави и името на Андон Дончевски, првиот селектор на нашата репрезентација.
На тој натпревар Македонија играше во состав: Зоран Мицевски, Кире Грозданов, Зоран Јованоски, Драган Канатларовски, Чедомир Јаневски, Илија Најдоски, Зоран Бошковски, Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски, Тони Мицевски. Во игра влегоа и: Неџмедин Мемеди, Ванчо Мицевски, Горан Георгиевски и Сашо Милошевски. Селектор: Андон Дончевски.
Денеска најголемиот дел од овие фудбалери заедно со селекторот Андон Дончевски ќе се појават на арената „Филип Втори“, на дваесетина минути пред мечот со Лихтенштајн, ќе добијат плакети од ФФМ и ќе бидат поздравени од публиката.