Ѓоре Јовановски го продолжи договорот со Работнички

by
1 минути читање

По успешно завршената мисија и пласманот во Европа, раководството на Работнички постигна договор со тренерот Ѓоре Јовановски за продолжување на соработката. Потпишан е едногодишен договор со можност за продолжување на уште една дополнителна година.

„На заедничко задоволство, Ѓоре Јовановски ќе го предводи тимот на Работнички и следната сезона. Постигнавме договор за продолжување на соработката за 1+1 година. Презадоволни сме од неговата работа, тој успеа да избори пласман на тимот во квалификациите за Лигата на Европа, иако секако нема да ја занемариме и работата на претходните тренери, кои дадоа свој голем придонес во заедничкиот успех. Сега не очекува дефинирање на тимот за следната сезона и се надеваме на успешни настапи на европската сцена, како и во новиот шампионат на Македонија“, вели претседателот на клубот, Драган Поповски.

Задоволен од новиот договор е и Ѓоре Јовановски кој го кажа и планот за подготовките пред почетокот на квалификациите за Лига Европа.

„Брзо успеавме да се договориме со претседателот Драган Поповски за продолжување на соработката. Работнички е клуб со јасна визија, и со конкретни амбиции, и токму затоа секогаш и претставува посебен предизвик да се работи со овој тим. Во наредните денови раководството на клубот ќе го дефинира тимот за следната сезона, ќе се обидеме да создадеме квалитетен ростер, и од 11 јуни почнуваме со тренинзи. Седум дена ќе работиме во Скопје, а потоа ќе заминеме во Терме Чатеж во Словенија, каде ќе биде реализирана втората фаза од подготовките. По ова, се враќаме повторно во Скопје и ќе не очекуваат настапите во квалификациите за Лигата на Европа. Треба добро да се подготвиме за европскиот предизвик“, вели шефот на стручниот штаб, Ѓоре Јовановски.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани