Фудбалската репрезентација на Македонија со пораз ја отвори новата сезона во „Б“ Лигата на нации. На домашен терен избраниците на Гоце Седлоски беа убедливо надиграни од Швајцарија, која од Скопје си замина со победа од 0-3.
Гостите уште од самиот почеток ја презедоа контролата над играта и во текот на целиот натпревар беа далеку подобар противник. Македонија тешко успеваше да ја задржи топката, а за 90 минути не создаде ниту една посериозна можност пред голот на Швајцарците.
Притисокот на гостите резултираше со водство во 25. минута, кога Фројлер го совлада Димитриевски за 0-1. Само неколку минути подоцна Швајцарија беше блиску и до втор погодок, но топката заврши во стативата.
🚨🌍 | GOAL: REMO FREULER OPENS THE SCORING FOR SWITZERLAND! 🇲🇰 North Macedonia 0-1 Switzerland 🇨🇭 https://t.co/1J52O8HnZl
— FOOTEM | GOAL (@FOOTEM_LIVE) September 26, 2026
Македонија во продолжение само повремено успеваше да стигне до противничката половина, но без конкретна завршница. Казната стигна во 41. минута, кога Амдуни погоди за 0-2 и уште повеќе го отежна патот до позитивен резултат.
N. Macedonia 0-2 Switzerland ⚽️ Goal: Amdouni (42′) https://t.co/uXHS1cPmzs
— Flash Goalz (@FlashGoalz) September 26, 2026
Ниту паузата не донесе промена во односот на силите. На стартот од второто полувреме, судијата Шлагер му покажа директен црвен картон на Гаштаров, но по интервенцијата на ВАР одлуката беше преиначена и дебитантот во македонскиот национален тим продолжи да игра.
Швајцарија продолжи да го контролира натпреварот, а конечните 0-3 ги постави Амдуни со својот втор гол на средбата, петнаесетина минути пред истекот на регуларниот дел.
За Македонија нема многу време за анализа. Веќе за три дена следува гостувањето кај Словенија во Љубљана, каде македонската репрезентација ќе ја бара првата можност за освојување бодови.
По денешниот натпревар останува и негативниот податок дека Македонија на петте натпревари откако Гоце Седлоски е селектор сè уште нема постигнато гол.