Македонија со пораз ја почна новата сезона во Лигата на Нации откако вечерва Швајцарија во Скопје победи со 3-0.
Селекторот Гоце Седлоски по натпреварот испрати честитки до Швајцарија, но и не криеше дека е незадоволен од одредени фудбалери.
„Сакам да ѝ честитам на Швајцарија, тие се една светска сила. Ние треба многу да учиме и да работиме, Швајцарија е Швајцарија. Ние сакаме нешто да подмладиме со репрезентација и полека, полека тоа го правиме.
Игравме со репрезентација кој има квалитетен играч на секоја позиција, посилна репрезентација досега не гостувала во Скопје.
Беа предоминантни на секој дел од теренот, но ние не смееме да примаме голови по наши грешки, тие се велесила, но ние мора да покажеме и карактер, тоа секогаш го барам од фудбалерите. Кај некои играчи денеска тоа не го видов и во иднина ќе играат фудбалери кои играат во клубовите.
Разговарав со фудбалерите и тој што ќе заслужува во иднина ќе биде на теренот, денеска од одредени фудбалери не бев задоволен од тоа што го покажаа. Во ваков натпревар се гледа каков карактер си, никогаш не треба да се плашиш и тоа го барам од нив. На тренинзите сите беа одлични, но вечерва имаше и такви кои потфрлија“, истакна Седлоски.
Следниот натпревар на Македонија е за три дена во Љубљана против Словенија во кој ќе се обидеме да дојдеме до првите бодови.