„Црвените“ оваа
недела го промовираа второто летно засилување за Јирген Клоп, на Енфилд пристигна
Фабињо. За услугите на Бразилецот беа платени околу 45 милиони евра, плус 5
додатни милиони во бонуси.
Според пишувањата
на медиумите, од оваа зделка добро ќе се офајди и Рио Аве. На сметката на
клубот ќе легнат околу 4 милиони евра и покрај тоа што Фабињо нема одиграно
ниту една минута за нив. Медиумите од Португалија велат дека Рио Аве си
обезбедил процент од идна продажба кога се разделил со фудбалерот во 2015, но
од клубот не сакаат да говорат многу на оваа тема.
Овој трансфер е
последен пример дека во светот на фудбалот се вратат луди суми и пари има за
секого. Имено, играчот во јуни 2012 од Бразил се сели во Европа и потпишува
шест годишен договор со Рио Аве, но без да одигра една минута и по само
триесетина дена е испратен на позајмица во вториот тим на Реал Мадрид. На
Сантијаго Бернабеу дотуркува и до првиот тим, но „Кралевите не ја користат
опцијата да го купат играчот.
Фабињо потоа е
испратен на нова позајмица, овој пат во Монако, најпрво на 12 месеци а потоа на
уште една додатна година. Во 2015 клубот од малото кнежевство во целост го
откупува играчот но деталите од зделката никогаш не се обелоденети иако во тоа
време се шпекулираше за сума помеѓу 5 и 6 милиони евра.
Навидум нема
ништо спорно, но откако Фудбал Ликс почна да ги објавува матните зделки во
светот на фудбалот испливаа и документи со името на Бразилецот. Фабињо е клиент
на супер агентот Жорж Мендеш, кој има блиска соработка со рускиот милијардер
Дмитри Риболовлев откако бизнисменот го купи Монако (на Луј Втори стадионот беа
донесени голем број клиенти на Мендеш помеѓу кои Фалкао, Мутињо, Хамес Родригез
и Рикардо Карваљо).
Во јануари 2014,
Риболовлев преку инвестициски фонд основан на Кипар купува економски права од
неколку фудбалери помеѓу кои и Фабињо. Тој за 48,5% од сопственоста на Фабињо плаќа
2,35 милиони евра на Жестифуте (агенцијата која е во сопственост на Жорж Мендеш
и која поседува 97% од правата на играчот). Но во 2015 настанува смешна ситуација со
оглед на тоа дека Монако сака трансферот да го направи перманентен бидејќи ФИФА
ги забранува популарните ТПО (сопственост на трета страна) и клубот се доведува
во ситуација да купи играч од самиот сопственик. Па Риболовлев го продава
својот дел на Жестифуте и тоа за само 1 милион евра.
Но тука не
застануваат сите „заврзлами“, официјалните документи кои Монако ги доставил до
системот за трансфер регулации на ФИФА покажуваат дека Фабињо е купен за само
10 евро центи.
Тоа е така
бидејќи Рио Аве веројатно никогаш не го поседувал Фабињо. Клубот служи како
место каде Жорж Мендеш ги „паркира“ своите клиенти и многумина на шега велат
дека Рио Аве е всушност ФК Жорж Мендеш.