Сопственикот на „росонерите“, Гери Кардинале вели дека досега реализирале само една четвртина од планираниот процес, и веќе во јануари ќе пристигнат нови засилувања по мерак на тренерот Рубен Аморим.
Милан минатото лето започна нов проект, на кормилото пристигна Рубен Аморим, а беше и реализиран најголемиот трансфер во историјата на клубот, за околу 75 милиони евра беше ангажиран Гонзало Рамош.
Во пресрет на лутото градско дерби против Интер, газдата Гери Кардинале седна на разговор со „Газета дело спорт“ и вети нови засилувања.
„Мораме да продолжиме да го подобруваме составот, бидејќи во летниот преоден рок не успеав да реализирам сè што имав замислено. Работиме на реконструкција на составот и, иако сум задоволен од новите засилувања, играчите кои останаа и… имињата од кои се ослободивме, промените што ги направивме сè уште не се доволни. Веројатно ќе ни бидат потребни уште два преодни рока за да ја завршиме започнатата работа. Досега сме реализирале само една четвртина од планираниот процес“ – вели Гери Кардинале.
„Нашиот приоритет е да изградиме тим кој ќе може да се справи со повредите и да остане конкурентен. Кога настапувате во европските натпреварувања и играте фудбал во стилот на „Аморим-бол“ со исклучително висок интензитет, брзи транзиции и играчи кои трчаат меѓу 9 и 11 километри по натпревар, ротацијата на составот станува неопходна“.
„Затоа во јануари ќе продолжиме активно и агресивно да делуваме на трансфер пазарот, искористувајќи ги сите добри можности. Ќе продолжиме да ја засилуваме и клупата за резервни играчи. Мојот пристап е да реагирам брзо и решително. Најважно ми е да ги донесеме играчите што ги сакаме, фудбалери кои се достојни за Милан. Нема да се расфрламе со пари непромислено, но кога ќе одлучам дека акам да ангажирам одреден играч, ќе направам сè што е во моја моќ за да го реализирам трансферот“.