Реал Мадрид упати извинување до Кина и кинескиот народ за несаканиот инцидент со Килијан Мбапе кој ги навреди Кинезите.
Веќе со месеци на интернет трае шегата со Килијан Мбапе дека е диктатор. Па во една емисија тој беше прашан на оваа тема и требаше да посочи кое му е омилено меме. Тој рече дека го обожува она кога е направен како кинескиот диктатор Мао Це Тунг и дека постојано го користи со пријателите и многу му е смешно.
Кинезите многу трагично го доживеаа тоа, па три кинески компании ги раскинаа спонзорските договори со Мбапе, а министерот за спорт отиде дотаму што забрани да се пренесува Ла Лига во Кина.
Мбапе синоќа јавно се извини на Кина, а денеска истото го направи и Реал Мадрид.
„Реал Мадрид сака да упати извинување до кинескиот народ за секоја непријатност што можеби беше предизвикана од неодамнешните зборови на нашиот играч Килијан Мбапе.
Нашиот клуб длабоко ја почитува Кина, нејзината историја, нејзината култура и нејзините граѓани, како и милионите кинески навивачи кои чувствуваат наклонетост и воодушевување кон Реал Мадрид.
Клубот се приклучува кон јавното извинување изразено од Килијан Мбапе, во кое самиот играч пренесе жалење за своите зборови и ја повтори својата почит кон кинескиот народ.
Реал Мадрид ја потврдува својата посветеност на вредностите на почитување, соживот и разбирање меѓу културите, и ја изразува својата желба да продолжи да ги зајакнува врските на пријателство и наклонетост што го поврзуваат со Кина и нејзините граѓани“, се вели во соопштението на кралскиот клуб.
Реал Мадрид не сака да го загуби кинескиот пазар кој е огромен, па се труди да ја ублажи штетата што несвесно ја направи Мбапе.