Нема опуштање во
редовите на „Каталонците“, вечерва на Камп Ноу беше совладана „Жолтата
Подморница“ со убедливи 5-1.
Резултатот беше
отворен во 11. минута. Дембеле имаше одличен соло пробив, биеше од врвот на
шеснаесетникот, Асенхо одбрани но Кутињо стигна прв до одбиената топка и ја
затресе мрежата на гостите.
Пет минути
подоцна веќе беше 2-0. Меси уфрли една топка за Дињ кој несебично го проигра
осамениот Паулињо за дуплирање на предноста. Пред крајот на првиот дел во листата на стрелците се
запиша и Меси. Аргентинецот имаше еден-два додавање со Иниеста, кој мајсторски
ја префрли топката преку одбраната на гостите, а Лео не погреши од пет метри за 3-0.
Виљареал преку
Сансоне намали на 3-1 на стартот од вториот дел, но тоа беше се што направија гостите. Во
финишот од мечот „Жолтата подморница“ капитулираше уште два пат.
Дембеле најпрво на асистенција на Ракитиќ зголеми на 4-1 во 87. минута, а потоа во последните
секунди од мечот мајсторски заврши една контра која самиот ја повлече и го
лобуваше гостинскиот голман за 5-1.