„Специјалниот“ по
пристигнувањето на Олд Трафорд имаше доста замерки на своите претходници за
трансфер политиката која ја воделе односно играчите кои ги донеле и фудбалерите
на кои им дозволиле да заминат.
Но се чини дека
ниту тој не помина ништо подобро и покрај тоа што инвестираше околу 300 милиони
фунти за ангажман на неколку звучни имиња.
Жозе Мурињо во
Манчестер јунајтед ги донесе Златан Ибрахимовиќ, Хенрих Мхитарјан, Ерик Баји,
Пол Погба, Виктор Линделоф, Ромелу Лукаку, Немања Матиќ и Алексис Санчез.
Но половина од
овие се покажаа како промашувања. Денеска топ вест на „Островото“ е сторијата на Дејли Мејл дека на
Жозе Мурињо преку глава му е од слабите партии на Пол Погба па го ставил Французинот
на продажба.
„Ѓаволите“ веќе
се разделија со Хенрих Мхитарјан, кој замина во Арсенал како дел од трансферот
на Алексис Санчез, кој пак е непрепознатлив во дресот на Манчестер јунајтед и
од недела во недела добива се поголеми критики. На Олд Трафорд не
се снајде ниту Виктор Линделоф, кој цела сезона ја грее клупата.
Златан
Ибрахимовиќ се покажа како право засилување, но и само како краткорочно решение.
Швеѓанецот блескаше девет месеци, а потоа заработи тешка повреда по која
не беше оној стариот, па Манчестер јунајтед му го раскина договорот и му
дозволи да ја продолжи кариерата во редовите на Лос Анџелес Галакси.
Ерик Баји демонстрираше
дека може да биде столб во одбраната на најтрофејниот клуб од Англија, но
репрезентативецот на БСК се мачи со фитнесот и повредите и оваа сезона има само
11 настапи во Премиерлигата.
Ромелу Лукаку
исто така може да добие преодна оценка со 15 погодоци зад своето име во
Премиерлигата, но на Белгијанецот и понатаму му се замерува за тоа што е тивок
кога се во прашање дерби пресметките.
Немања Матиќ
веројатно е засилувањето кое ги исполни очекувањата и на Жозе Мурињо и на
фановите, Србинот е солиден во средниот ред и константно прикажува добри
перформанси.