Шокантната елиминација од Лигата на шампионите, „Каталонците“ малаку ја залечија со нов рекорд во Ла Лига. Барселона попладнево со 2-1 триумфираше нд Валенсија и ова беше 39. натпревар во низа без пораз во најсилното првенство на Шпанија со што го надмина постигнувањето на на Реал Сосиедад старо речиси 40 години.
Резултатот беше отворен во 15. минута, Кутињо одлично го проигра Суарез кој умешно биеше по земја на поблиската статива за 1-0. Барса потоа имаше уште неколку шанси за дуплирање на предноста, но и гостите имаа свој прилики за изедначување. Најсериозната ја имаше Родриго по грешката на Тер Штеген, но Германецот со помош на стативата го сочува својот гол.
Гостите имаа нова 100% шанса за изедначување на стартот од вториот дел кога по грешката на Умтити, Родриго се најде осамен пред Тер Штеген. Напаѓачот го совлада голманот, но Жерард Пике блокираше пред гол линијата.
За ова казна стигна неколку минути подоцна и тоа токму од Умтити. Кутињо нафрли од корнер, а Французинот скокна највиско за 2-0. Иако се укажуваше на мирна завршница, Дембеле стартуваше несмасно врз Гаја во 86. минута, а Парехо со многу среќа од белата точка донесе 2-1. Тер Штеген го прочита капитенот на Валенсија, се фрли на правата страна, но некако дозволи топката да помине под него и да се стркала во мрежата.