Мартин Мирчевски денеска и официјално беше промовиран како нов фудбалер на Пелистер, а по потписот на договорот испрати порака до навивачите, со посебен осврт на неговиот настап за Вардар.
29-годишниот офанзивец, кој потекнува од битолскиот клуб, порача дека се враќа со јасна цел да помогне Пелистер што побрзо да се врати во елитното македонско друштво.
„Како играч, ќе го дадам својот максимум за да му помогнам на клубот повторно да расте и да се развива по вистинскиот пат. Ми се допадна проектот што ми беше претставен и верувам дека, доколку сите работиме максимално професионално, ФК Пелистер многу брзо ќе се врати таму каде што му е местото“, изјави Мирчевски.
Фудбалерот се осврна и на периодот кога го носеше дресот на Вардар, побара разбирање од битолските навивачи и повика на заедништво.
„Се надевам дека навивачката група Чкембари, како и целата битолска јавност, ќе ми простат за мојот премин во Вардар. Би сакал да ставиме точка на минатото и сите заедно да се радуваме на секоја победа и на секој успех на Пелистер. ФК Пелистер е име, презиме и бренд во македонскиот фудбал и е поголем од сите нас. Без разлика на разочарувањата и емоциите од минатото, време е тие да останат зад нас. Нашата заедничка цел е јасна, експресно враќање во Првата македонска фудбалска лига. Само сплотени, како еден тим, можеме да ја оствариме таа цел“, порача Мирчевски.