Силекс утре со почеток од 19 часот во Стара Загора, Бугарија, е гостин на белорускиот тим Динамо Минск во првиот меч од првото квалификациско коло во Конференциската лига.
Тренерот на македонскиот тим, Александар Васоски е оптимист пред утрешниот меч иако има голема почит за противникот.
„За нас е огромно задоволство што втора година по ред играме во Конференциска лига. Имаме голема почит за Динамо Минск, екипа која во моментов е прво место во белоруската лига и екипа која за разлика од нас има 15 натпревари зад себе. Тука доаѓаме со една единствена цел, да оствариме добар резултат за реваншот во Скопје“, изјави тренерот Александар Васоски пред утрешниот меч.
„Имаме свои адути. Минатата сезона го освоивме купот, што значи дека имаме карактер, дисциплина, знаеме да играме на резултат. Ова се натпревари во кои резултатот треба да биде во прв план, ќе настојуваме да го поминеме Динамо Минск“.
„Што се однесува до играчкиот кадар, имавме сериозни заминувања, поготово во офанзивниот дел, но мислам дека новите играчи одлично се вклопуваат и мислам дека ќе бидат достојна замена за тие што си заминаа, ако не и подобри. Сето тоа треба добро да го вклопиме и веќе на утрешниот натпревар да се покажеме во добро светло“.