Шкендија утре ја почнува новата европска авантура

by riste
2 минути читање

Шкендија утре со почеток од 19:30 часот му гостува на тимот од Гибралтар, ФК Европа во рамките на првото квалификациско коло од Конференциската лига.

Новиот тренер на Шкендија, Артим Положани, вели дека тимот е подготвен, целта е висока, но не треба да се прави споредба со минатата сезона.

„Утре за нас започнува нов, исклучително важен циклус во европските купови. Минатогодишниот успех на клубот веќе му припаѓа на минатото. Сега имаме нов предизвик и сигурно е дека ќе се обидеме да стигнеме доста далеку, бидејќи потенцијалот за тоа постои. Со максимален ангажман и правилен пристап од првиот до последниот играч, верувам дека можеме да успееме. Подготовките поминаа одлично, комплетни сме и во комбинација ќе бидат сите оние кои се максимално подготвени за утрешниот меч“, истакна Положани на денешната прес-конференција.

„Имаме информации за Европа ФК, главно од нивното минато првенство. Станува збор за екипа која има добра маневарска игра, со оглед на близината со Шпанија и нивниот фудбалски стил. Карактеристично за нив е што лани примиле само 16 голови, што покажува дека имаат доста солидна одбрана. Ако не играме брзо, ќе ни биде тешко. Што се однесува до вештачкиот терен, сè е во главата и до брзата адаптација. Нема да имаме проблем ако влеземе со вистински менталитет и единствена мисла – да победиме“.

На прес-конференцијата беше и капитенот, Бесар Ибраими.

„Ако бидеме искрени, нормално е дека на хартија ние сме фаворити, но нашиот залог мора да биде максимален. Мора да му пристапиме на мечот со најголема сериозност, бидејќи во денешно време веќе нема лесни противници во Европа. Се подготвивме добро, го анализиравме ривалот и се надевам на победа која значително ќе ни ја олесни работата за реваншот на домашен терен. Секогаш се трудам да го дадам максимумот и да му помогнам на тимот. Најважно е екипата да чекори напред и да победува. Секако дека од секој напаѓач се очекуваат погодоци, па со гол и победа би бил уште посреќен, но примарно е заедно да ја оствариме зацртаната цел. Теренот со вештачка трева не смее да ни биде хендикеп – ако сме мотивирани и сериозни, тоа нема да биде никаков проблем“, заврши капитенот на „црвено-црните“, вели Ибраими.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×