Босна и Херцеговина го победи Катар со 3-1 и на тој начин многу веројатно обезбеди пласман во нокаут фазата на Мундијалот.
Избраниците на Сергеј Барбарез од самиот старт ја презедоа контролата над натпреварот, беа поопасниот противник и создаваа повеќе прилики. Иницијативата беше крунисана во 29. минута, кога Керим Алајбеговиќ постигна спектакуларен погодок за водство на БиХ.
Само пет минути подоцна ситуацијата за Катарците стана уште потешка, откако Абуанда ја затресе сопствената мрежа и Босна зголеми на 2-0.
Иако Катар во најголемиот дел од првото полувреме беше во подредена позиција, успеа пред паузата да ја намали негативата. Ал Хајдос погоди за 2-1 и внесе неизвесност пред продолжението.
Сепак, Босанците во вториот дел одиграа зрело и не дозволија пресврт. Го контролираа натпреварот, а десет минути пред крајот Махмиќ го постигна третиот гол и ги постави конечните 3-1.
Со оваа победа БиХ се искачи на третото место во групата со четири освоени бодови и е многу блиску до пласман меѓу најдобрите осум третопласирани селекции кои ќе обезбедат место во следната фаза.
Во директната пресметка за првата позиција во групата, Швајцарија беше подобра од Канада со 2-1. Сите погодоци паднаа во второто полувреме, Варгас и Манзамби донесоа предност од 2-0 за Швајцарците, додека Промис во финишот само го ублажи поразот на Канаѓаните.