Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница разгледа и усвои повеќе точки од дневниот ред:
– Управниот одбор на ФФМ го усвои предлогот за реконструкција на подтрибинскиот простор на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани, со што ќе се создадат подобри услови за функционирање на клубовите, официјалните лица и сите учесници во натпреварувачкиот процес.
– Управниот одбор на ФФМ го усвои предлогот за утврдување на котизациите за клубовите учесници во Првата и Втората македонска фудбалска лига за натпреварувачката сезона 2027/2028.
Управниот одбор донесе одлука клубовите од Првата македонска фудбалска лига кои нема да ги подмират своите финансиски обврски кон Фудбалската федерација на Македонија да немаат право на учество во натпреварувањето, додека клубовите од Втората македонска фудбалска лига со неподмирени обврски нема да можат да учествуваат во извлекувањето на натпреварувачките броеви за новата сезона.
Фудбалската федерација на Македонија во изминатиот период во повеќе наврати излегуваше во пресрет на клубовите, овозможувајќи им одложено и етапно подмирување на обврските врз основа на меѓусебни договори. Сепак, значителен број клубови не ги испочитуваа преземените обврски и договорената динамика на исплата, поради што Управниот одбор оцени дека е неопходно доследно почитување на финансиската дисциплина и еднаков третман за сите клубови учесници во натпреварувањата на ФФМ.
– Во насока на унапредување на организацијата на македонскиот фудбал, Управниот одбор го усвои и предлог системот на ФФМ за уредување на организацијата и структурата на натпреварувањата на национално и регионално ниво во сениорскиот фудбал. Согласно усвоениот предлог, територијалната поделба на Фудбалската федерација на Македонија ќе биде организирана во шест региони.
Регион 1: Ги опфаќа општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Чаир, Карпош, Центар, Шуто Оризари, Чучер Сандево, Арачиново, Илинден, Петровец, Зелениково, Сопиште, Студеничани и Сарај.
Регион 2: Ги опфаќа општините: Липково, Куманово, Старо Нагоричане, Ранковце, Крива Паланка, Кратово.
Регион 3: Ги опфаќа општините: Кочани, Македонска Каменица, Свети Николе, Лозово, Делчево, Пехчево, Берово, Ново Село, Босилово, Василево, Конче, Струмица, Радовиш, Штип, Карбинци, Чешиново-Облешево, Зрновци, Виница, Валандово, Гевгелија, Дојран, Богданци и Пробиштип.
Регион 4: Ги опфаќа општините: Велес, Градско, Неготино, Демир Капија, Кавадарци, Прилеп, Долнени, Чашка, Росоман, Крушево и Кривогаштани.
Регион 5: Ги опфаќа општините: Битола, Ресен, Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Кичево, Пласница, Македонски Брод, Могила, Демир Хисар и Новаци.
Регион 6: Ги опфаќа општините: Јегуновце, Теарце, Тетово, Желино, Брвеница, Боговиње, Врапчиште, Гостивар, Маврово и Ростуше, Дебар и Центар Жупа.