Битката во Њујорк без победник, Бразил и Мароко ги поделија бодовите (ВИДЕО)

by Стефан
1 минути читање

Бразил и Мароко ги поделија бодовите со реми 1-1 во натпреварот од првото коло во групата Ц на Светското првенство, кој се одигра на „МетЛајф“ стадионот во Њујорк.

Иако Бразил важеше за фаворит пред почетокот, Мароканците оставија подобар впечаток на теренот и во повеќе наврати беа поблиску до целосен плен. Тимот на Карло Анчелоти повторно покажа дека сè уште ја бара вистинската форма доколку сака да се вклучи во борбата за највисок пласман на Мундијалот.

Африканската селекција беше поконкретна во воведниот дел од средбата и заслужено стигна до предност во 21. минута. Брахим Дијаз испрати прецизна асистенција до Исмаил Саибари, кој рутински го совлада Алисон за водство на Мароко од 1-0.

Одговорот на „кариоките“ пристигна во 32. минута кога Винисиус Жуниор изведе вистинска мајсторија и со спектакуларен погодок го израмни резултатот. Неговиот гол веднаш се најде меѓу кандидатите за најубав на досегашниот тек од шампионатот.

Во продолжението темпото значително опадна. Двете репрезентации играа претпазливо, свесни за важноста на секој бод на стартот од натпреварувањето. Бразил имаше повеќе контрола на топката и создаде неколку солидни можности, но не успеа да го пронајде патот до втор гол. Мароко, пак, со цврста и организирана одбрана успешно ги неутрализираше сите закани пред својот гол.

Во следното коло Бразил ќе игра против Хаити во Филаделфија, додека Мароко ќе се сретне со Шкотска во Мајами.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×