Селекторот на Англија, Томас Тухел, ја објасни одлуката да го повика Ајван Тони за претстојниот Мундијал, иако напаѓачот настапува во Саудиска Арабија.
Повикот за фудбалерот на Ал Ахли предизвика реакции на Островот, бидејќи дел од јавноста смета дека тамошното првенство не е доволно конкурентно за репрезентативно ниво. Сепак, Тони зад себе има импресивна сезона со 32 гола на 32 натпревари, па Тухел решил да му даде шанса.
„Малкумина очекуваа да биде на списокот, но тој секогаш беше една од опциите кои ги разгледувавме. Добив фантастични информации од неговиот клупски тренер, кој порано беше мој играч и имаме одличен однос. Секогаш слушав само позитивни работи за неговата улога во тимот, неговите квалитети, физичката подготвеност и однесувањето. Видовме дека и понатаму има одлични бројки. Поседува специфични квалитети кои можат многу да ни помогнат, особено кога бркаме резултат. Може да биде одлично дополнување за Хари Кејн, бидејќи е постојано опасен во шеснаесетникот. Знае да отвори простор за другите напаѓачи, природен реализатор е и многу корисен при прекини. Одлично го користи телото, а не треба да се заборави ниту дека е врвен изведувач на пенали“, додаде Тухел.
Англискиот список за Светското првенство крена огромна прашина во јавноста поради повеќе имиња.