И покрај бројните реакции околу судењето во Премиер лигата, англиските клубови засега нема да добијат проширена употреба на ВАР системот.
По консултациите со Здружението на професионални судии (ПГМО), раководството на Премиер лигата донело став дека во следната сезона ВАР судиите ќе продолжат да работат со истите овластувања како и досега.
Меѓународниот фудбалски одбор (ИФАБ) уште во февруари одобри можност за проширување на улогата на ВАР, што би значело дополнителни проверки при спорни корнери, како и интервенции кај втори жолти картони. Овие измени можат да стапат во сила од јуни и ќе се користат на Светското првенство, но ИФАБ им остави слобода на националните лиги самостојно да одлучат дали ќе ги применуваат.
Според информациите на „Гардијан“, англиските клубови не се подготвени да ја прифатат оваа промена, најмногу поради стравувањата дека натпреварите би траеле уште подолго. Во Премиер лигата веќе често се игра повеќе од 100 минути, а дополнителните проверки би можеле уште повеќе да го нарушат ритамот на играта.