Реал Мадрид ја одбил можноста ова лето бесплатно да го ангажира играчот од средниот ред на Манчестер Сити, Бернардо Силва.
Португалскиот репрезентативец бил понуден на шпанскиот гигант од страна на неговиот агент Жорже Мендеш, но од „кралскиот клуб“ пристигнал негативен одговор.
Неговото богато искуство и континуирано високото ниво на игри го прават атрактивна опција, особено ако се знае дека договорот му истекува на крајот од јуни, што значи дека може да биде ангажиран без обештетување. Поради тоа, Мендеш го нуди на најголемите европски клубови, а неодамна Португалецот беше поврзуван и со најголемиот ривал на Реал, Барселона.
Сепак, во Мадрид не гледаат потреба од негов ангажман. Иако во клубот ги ценат квалитетите на Силва, тој не се вклопува во профилот на играч што го бараат за претстојниот преоден рок.
Ангажманот на играч за врска е еден од главните приоритети на Реал за летото, но фокусот е ставен на дефанзивен играч за врска, улога што Силва не ја покрива. Според најавите, главна цел на „кралевите“ е неговиот соиграч од Манчестер Сити, Родри, но евентуалниот трансфер би барал сериозна финансиска инвестиција, со оглед дека шпанскиот репрезентативец има уште една година од договорот со англискиот клуб.
Кога е Силва во прашање во последниот период според најавите најблиску е до трансфер во Јувентус.