Истражните материјали на обвинителството во Милано откриваат нови детали од скандалот поврзан со проституција, во кој се споменуваат и познати фудбалски имиња.
Според информациите, дел од ѕвездите од Серија А плаќале високи суми за приватни вечерни забави со ескорт девојки, при што цената на „пакетот“ достигнувала и повеќе од 10.000 евра. Поголемиот дел од тие средства завршувал кај организаторите, кои ја контролирале целата шема.
Италијанската „Газета дело Спорт“ пишува дека групата се грижела за сè од транспорт и логистика, до исполнување на барањата на клиентите, додека дополнителните услуги се наплаќале одделно.
Од друга страна, девојките кои биле дел од мрежата добивале минимален дел од заработката, со дневни суми од 70 до 100 евра.
Во тек е финансиска истрага за трагата на парите, при што властите се сомневаат дека околу 1,2 милиони евра се префрлени и сокриени на сметки во странство.
Во документите се појавуваат имиња на повеќе фудбалери, меѓу кои и Алесандро Бастони, Рафаел Леао, Душан Влаховиќ и Јан Бисек, но според досегашните информации, тие не се осомничени за сторено кривично дело.