Стратегот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, не го криеше незадоволството по елиминацијата од Лигата на шампионите, откако неговиот тим загуби со 4-3 од Баерн Минхен во драматичниот реванш во Минхен.
Натпреварот, според него, бил обележан со спорното исклучување на Едуардо Камавинга во самиот финиш, кое, како што вели, целосно го сменило текот на играта. Арбелоа упати остри критики кон судијата Славко Винчиќ, оценувајќи дека одлуката била клучна за конечниот исход.
„Секако дека исклучувањето имаше огромно влијание. Не можете на ваков начин да испратите некој во соблекувалната. Имав впечаток дека судијата воопшто не беше свесен дека веќе има жолт картон, а токму таа одлука го уништи натпреварот кој дотогаш беше одличен“, порача Арбелоа.
И покрај поразот Арбелоа истакна дека е горд на своите фудбалери и нивниот ангажман.
„Ова беше навистина квалитетен меч. Имавме свои шанси и можевме да постигнеме уште некој погодок. Жал ми е за момците поради трудот што го вложија, но истовремено сум многу горд, дадоа максимум на теренот“, изјави Арбелоа.