Хакими си ја отвори душата: Ми беше тешко да играм со Меси!

by Стефан
1 минути читање

Дефанзивецот на ПСЖ, Ашраф Хакими, отворено проговори за периодот кога Лионел Меси настапуваше за клубот од Париз, признавајќи дека не се чувствувал комотно во тој дел од кариерата.

Иако од доаѓањето на Меси се очекуваше да го подигне нивото на играта, Хакими открива дека неговите офанзивни квалитети останале во втор план по формирањето на ѕвезденото трио со Нејмар и Килијан Мбапе.

Двајцата пристигнаа во ПСЖ во летото 2021 година, но со тоа дојде и промена во пристапот на тимот. Под водство на тогашниот тренер Маурисио Покетино, играта се насочи кон напаѓачката линија, што, според Хакими, ја нарушило рамнотежата во екипата.

„Со доаѓањето на Меси се промени целиот проект на ПСЖ, а со тоа и стилот на игра. Игравме на поинаков начин и јас не уживав во тоа“, изјави Хакими.

Мароканецот посочи дека поради тактичките промени се чувствувал како играч во втор план, правејќи споредба со неговата улога во репрезентацијата на Мароко, каде што има далеку позначајна улога.

„Не можев да го правам тоа што го сакам, да напаѓам и да се чувствувам важен. Се чувствував како спореден играч. Се сеќавам дека размислував за ситуацијата во репрезентацијата, каде што сум еден од главните“, истакна тој.

Хакими признава дека тоа било тежок период и од психолошки аспект, особено поради критиките за различните настапи во клубот и националниот тим.

„Ми беше психички тешко да играм во Париз онака како што сакам. Почнаа и критики, луѓето се прашуваа зошто за Мароко играм на еден начин, а во ПСЖ изгледам поинаку. Дали сум лош или има друга причина? Луѓето не ја разбираат таа разлика“, додаде Хакими.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×